Контрапункт Контрапункт

 Контрапункт 

|

 Точка 

|

 Слевање... 

|

 Маргина 

|

 Галерија 


 


Никола Гелевски

КОНТРАПУНКТ
2001-2007

         архива на текстови       следен текст

Контрапункт

 Основање и идеја | Луѓе | Принципи | Од статутот... | Графички материјали | Контакт |
 


169

ДУПНАТИ УШИ

11.09.2007




Европејците “ушите ни ги дупнаа” со настојувањето да воспоставиме плодотворен политички разговор во земјата, пред сè меѓу власта и опозицијата. Мислам дека европските настојувања да нè вразумат со помош на фамозниот “политички дијалог” се сосема на место и навистина се едно од најважните политички прашања во моментов.
Од тие причини, денешната колумна дословно му ја посветувам на увото, поточно на потребата од меѓусебно слушање и разбирање. Како увод нека послужи една фасцинантна хасидска приказна:
“Еден властелин имал грижа на совест заради направено предавство. Своето покајание можел да го заврши дури тогаш кога некој друг човек ќе му ја раскаже неговата сопствена (онаа на властелинот) историја...
Но тој другиот ја заборава историјата што треба да ја раскаже сè додека посочениот властелин не ја преобрази својата душа во доволна мера за да може да ја чуе...
Талмудот вели: 'Во секој дијалог учествуваат три личности'. За обата соговорници оној другиот претставува дупка во којашто тој самиот исчезнува и настанува само како привид, одраз во очилата.”
Иако мошне апстрактна и просто психоаналитичарска во некои од слоевите, оваа хасидска приказна има и јасни политички импликации; на некој начин, може да се сфати и како приказна за лустрацијата, особено првиот нејзин дел: твоето лично предавство може да се искупи само ако го раскаже некој друг, а ти во меѓувреме треба да ја преобразиш својата душа...
Но, за потребите на денешниов текст го издвојувам талмудското резиме кое инсистира на присуството на третиот меѓу два соговорника: “Во секој дијалог учествуваат три личности”. Ми се чини дека суштината на политичкиот (па и секој друг) дијалог е токму постоењето на невидливото, на “третото”, на она кое двајцата најчесто го занемаруваат или потиснуваат, преокупирани со сопствените себични позиции... Но, тоа “третото” не е важно само за себе туку зашто токму таа “дупка” (“привидот”) всушност ги втемелува и оние двајцата...
За да не забегувам премногу во филозофски и психолошки разгранувања, ќе наведам некои примери од нам поблиската, балканска митологија. Интересни се разликите што некои културолози ги прават помеѓу “визуелните” стари Грци, повеќе ориентирани кон сликата, и “аудитивните Евреи”, повеќе ориентирани кон изречениот збор. Кај нас на Балканот, се чини, најважното сетило долго време било увото, а не окото. Древните Балканци сметале дека целокупниот разум, па дури и изворот на животот, се кријат во увото. Хесиод го искажува стариот мит за видарот Мелампо кој стекнал пророчка дарба откако змиите му ги излижале ушите. Албанските Геги подоцна ја прифаќаат таа приказна, ја сведуваат змијата на големина на црв и тврдат дека тој живототворен црв, сместен во увото, е придвижувачка сила на животот; кога умира човекот, умира и црвот. Во средниот век популарна била приказната дека безгрешното зачнување на Богородица ù се случило во увото.
Увото, се разбира, е и значаен општочовечки симбол. Речиси насекаде постои обичајот да се носат обетки како заштита од урокливо око. Сè до почетокот на 20 век многу јужнословенски девојки околу вратот носеле привезок или огрлица направена од фалусни симболи на плодноста и моќта, најчесто во форма на школки, крстови, дрва, раце, скали, петли, орудија и оружја, за заштита од урокливи очи.
Да ù се вратиме уште еднаш на политиката. Пак ќе ја спомнам Хана Арент, која во славната книга “Ајхман во Ерусалем” како суштински недостаток на тоталитарната личност ја издвојува токму неспособноста да го слушне другиот, да се стави во туѓа кожа. Кај Адолф Ајхман, монструозниот воен злосторник, Арент издвојува три карактеристични црти на неговата личност: неспособност да се размислува од позицијата на некој друг; неспособност критички да размислува за себе самиот, што го прави во потполност зависен од “гласот на угледното друштво околу него”; и трето, “оддалеченост од реалноста”, посебно од реалноста на сопствените постапки: “тој просто никогаш не разбра што навистина прави”.
Хана Арент се обиде да даде алтернативи за тоа модерно доба во кое “мислењето и стварноста се одвоени”, така што мислењето останало празно, а управувањето плиткоумно. Како лек против неспособноста да се ставиме на местото на некој друг, таа предложи вежбање на имагинацијата “да оди во посета”. Притоа треба да се има на ум дека имагинацијата само посетува, но не го окупира местото на другиот. Слободното мислење не смее да ја заборави болката на другите луѓе, ниту од неа да биде страсно водено. Ако туѓото мислење успеваме да го “претставиме во својата свест” тогаш можеме правилно политички да расудуваме, смета Арент. Тоа не значи поистоветување со чувствата на другите луѓе, ниту усвојување на нивното моментно мислење, туку размислување “како јас би се чувствувала и размислувала да сум на нивно место”.
Знам дека живееме во “епоха на празни ангели: сите сакаат да бидат гласници, а ретко кој прави напор да ја прими пораката”. Знам и дека политиката е најчесто бескрупулозна борба. Но, дури и во борба е важна вештината на ослушнување: на противникот, на ветрот, на тлото. Со негување на сетилата, значи, не само што сме позаштитени туку и подобро го разбираме светот околу нас. А тоа, дури и за тврдокорните политичари, треба да биде мотив да се прочачкаат ушите.