Точка

 Што е точка | Архива на настани | Графички материјали |



СУРОГАТИ
проект

Голема изложба, 10.03.-10.04.2006

 


листа на автори
 

Пандалф Вулкански
Проект: Сурогати
Малите приказни голем ум даваат.

1
Што се сурогати, како настанаа и што сакаме со нив?
Сурогатите се картончиња, 7х10 см, двострано испечатени, со текст и слика. Идејата, текстот и концептот се на Пандалф Вулкански, а сликите се на дваесет и четири македонски уметници, фотографи и дизајнери. Спакувани се во 6 различни кутии, од кои секоја содржи по седумдесетина сурогати.
На предната страна на секој од сурогатите претставен е насловот (темата што поврзува) и една избрана народна пословица или поговорка од збирките на Марко Цепенков. На задната страна стои парче текст кое се обидува да влезе во релација со реченицата на Цепенков и со насловот.
Сурогатите се хибрид помеѓу уметничко дело, играчка, јавен или интимен оглас и едукативна или информативна алатка. Тие можат да асоцираат на бонови, визитки, минијатурни уметнички дела, делови од сложувалка, поштенски дописници, лажни банкноти, флаери, рекламни картички, индулгенции за откупување на гревовите, пишани амајлии, плочки-реликвии, свитоци за молитви, картончиња на просјаци, покани за свадба...
Сурогатите произлегоа во прв ред од “читачките картончиња” на Пандалф Вулкански. Настанаа од неговите запишувања на нему интересните текстови/цитати кои тој ги пронаоѓаше во многубројните книги.
Целиот проект трае веќе неколку години, понекогаш со помал понекогаш со згуснат интензитет, а една од идеите е да се создаде голем (и делумно метафизички) календар составен од 365 мали уметнички дела - сурогати, за секој ден по едно.
Со сурогатите сакаме да постигнеме повеќе работи (за да ви приближиме дел од помалку видливите, го приложуваме текстов). На пример: сакаме да ја развиваме свеста за медиумот со кој човек се изразува; “медиумот е порака”, според Меклуан. Нашата картичка-сурогат е порака. Го следиме и советот на Брус Меј: да се прават метафори. Секој објект поседува способност да претставува и нешто друго од она што е очигледно.
Значи, нашите сурогати се сè: наша уметност, наша економија, наше присуство, постоење, историја. Со нив ги релативизираме границите помеѓу “реалното” и “виртуелното”, помеѓу “оригиналот” и “сурогатот”. Нашите сурогати одговараат на нашите желби за автентичното, за заедничкото, за игра, разговор, релација, пари, уметност, доживување, естетика, вера, кредибилитет, сигурност, мир, љубов, омраза итн. Сето тоа сурогатите го заменуваат.
На поприземно ниво, сурогатите се обид да се оцртаат контурите на една нова, снажна и заедничка македонска културна сцена претставена преку 24 уметници, дизајнери, фотографи, од кои повеќето последниве години гравитираат кон културниот центар Точка.

2
Начелата на монтажата; Семе и земјиште
Главната методолошка стратегија ни беше чудниот но величествен стремеж на Валтер Бенјамин: “Во историјата да се пренесат начелата на монтажата, односно големите структури да се изградат од најмалите, прецизно обликувани структурни елементи.” Бенјамин и во поширока смисла е една од главните инспирации за нашиот проект. На пример, слично на страста на Маларме да создаде “апсолутна книга”, Бенјамин посакувал да создаде книга сета од цитати. Ете, врз дел од тие траги шлапкаат безбројните ноџиња на нашите сурогати.
Идејата на Бенјамин е холистичка: во најситниот фрагмент всушност се содржи целината. Нам тоа ни беше исклучително важно: сурогатот, од една страна, треба да делува крајно едноставно и непретенциозно, како бон или жетон; а од друга страна, секој од нив поединечно треба да ја содржи комплексноста на целиот разгранет проект со своите многубројни идеи и учесници.
Вкрстувањето на нештата, значи, е главната идеја на нашиот проект. Произведувањето хибриди, колажи, пачворк. Но, зад вкрстувањето не стои само обичниот порив да се експериментира со формите туку желбата работите, а пред сè луѓето, нивните различни креативни ракописи - да се соединуваат. Во таа точка сурогатите веќе не се само радикален уметнички проект туку се и своевиден социјален експеримент, обид да се создаде сцена од вкрстени енергии, обид во нешто благородно да се слејат распрснатите патчиња/парчиња.

И друга важна работа: дали сурогатите се индивидуален проект на Пандалф Вулкански или колективен потфат на цела една група разнородни луѓе?!
Би рекле предвидливо: и едното и другото.
Дали е тоа можно? Мислиме дека е, особено тогаш кога се оди по рабовите, кога едновремено си и во и вон сликата.
За да го објасниме тоа ќе се повикаме на славните зборови на Витгенштајн:
Мојата оригиналност (ако тоа е вистинскиот збор) е, по мое мислење, оригиналност во смисла на земјиште, а не во смисла на семе. (Можеби немам сопствено семе.) Фрлете некое семе на моето земјиште, и тоа ќе расте поинаку отколку на кое било друго земјиште.
Создадовме, значи, земјиште за различното семе од коешто се разви чудесновишната градина преполна со најневеројатна флора и фауна - нашите сурогати.
Да, Цепенков вели: На готој деца секој татко бидуа. Но, еден прекрасен чудак и научник од 18 век, Огист Бланки, друго вели: Не постои ниеден оригинален вид кој не е составен од остатоците на сите други.
Всушност, сурогатите можеби најсилно се поврзани со идејата на Бодлер дека генијот треба да создава матрица. Тоа е истото она што го вели Вилијам Бароуз:
Не може веќе да се рече дека јас сум авторот на песнава, зарем не? Јас само ја отклучав комбинацијата, некаква комбинација со букви врз некакво парче патна торба, и песната сама се создаде.

3
Дали сурогатите се уметност или адвертајзинг?
Ако уметноста сè уште постои (или ако воопшто постои), за сурогатите може да се зборува и како за “уметнички проект”. Тоа е сосема јасно ако се држиме до античкото разбирање на уметноста како tehne: вештина на создавање и произведување. Но, кога зборуваме за сурогатите можеби уште поважна е онаа димензија на уметноста кога таа, создавајќи хармонични предмети, се ослободува од друштвото на филозофијата и технологијата. Уметноста, значи, станува ars (спојување) тогаш кога произведените нешта ќе покажат величествено заедништво.
Од друга страна, сурогатите се како мали вежби по графички дизајн и по огласување: постојат наслов, поднаслов, текстуална порака, ликовен мотив... Не само затоа што значаен дел од авторите на сурогатите го имаат искуството на графички дизајнери, сурогатите и во основната идејна смисла значајно се потпираат на сферата на адвертајзингот.
А сепак, тие го прават тоа на начин да ги надминат рамките на вештината на огласувањето.
Значи, кога зборуваме за врската меѓу сурогатите и вештината на огласувањето, го прифаќаме советот на Витгенштајн: прво употреби ги, па потоа отфрли ги скалите што ти се подадени. Иако кокетираме со инструктивноста и манипулативноста на капитализмот, со неговите заводливи стратегии на забавата и спектаклот, нашиот проект всушност е против утитилитарноста и лесните инструктажи. Преку слоганите, преку поигрувањата со едукативното и забавното, преку актуелната мода на денот и стратегиите на огласувањето - ние се обидовме да се оддалечиме од слоганите и од прагматичноста на адвертајзингот.

4
Цепенков и јазикот
Марко Цепенков (1829-1920), стариот собирач на народното творештво, наместо некаков фолклорен моралист, испадна “мистичниот темел на авторитет” за целиов проект!
Приказни, обичаи, песни, преданиа за места и друзи работи што имам пишани - цела сума; и ќе ги напечатам, да и ако не сет записани по граматика тие нешта, ќе измислам нова граматика, нов јазик, пиктографски, оваков, онаков, на немиот, на бучниот, на древниот и постмодерниот Македонец, па и тој сфатен ко метафора, ко сурогат!
Шегата на страна, Цепенков, со свежината на својот јазик, често делува толку збиено, толку чисто и, во најпозитивната смисла на зборот, апстрактно (какви што сурогатите треба да бидат: да не илустрираат, да не морализираат и да не продаваат памет) - што фрла сосема нова светлина на нашево современо користење на сопствениот јазик.
Во таа смисла, се разбира, една од најважните намери на сурогатите е да се обрне внимание на малку подзаборавениот јазик на Цепенков, кој е непресушен извор сè уште способен да ги освежува во моментов малку застоените води на македонскиот јазик. Живоста на јазикот на Цепенков не само што ги одржува врските со архаичниот или дијалектниот македонски туку често делува посовремено (побрзо и подосетливо) од најактуелниот сленг! Тоа особено доаѓа до израз кога речениците на Цепенков ги изместуваме од нивниот автентичен контекст и ги лепиме и спојуваме со поинакви значенски единици, при што се добиваат интересни јазични колажи.
Уште еднаш, за крај: Тргнавме од малкуцка, но во далечината сетивме работа за голема приказна. Ко што одевме (кинисало море во река да се давит) сфативме дека само малите приказни голем ум даваат. Тоа е Проектот: Сурогати.


23 автори | преку 400 картички
 

 

 
 Контрапункт | Точка | Слевање на маргините | Маргина | Галерија |